Лоши вести пристигнуваат од Клуб Бриж, каде што искусниот голман Симон Мињоле заработи повреда на тетивата на левата нога и ќе паузира неколку недели.
Според најавите од белгискиот клуб, повредата доаѓа во најлош можен момент, бидејќи 38-годишниот чувар на мрежата веќе објави дека на крајот од сезоната ќе стави крај на кариерата. Со оглед на тоа што опоравувањето може да потрае до средината на мај, постои реална можност Мињоле повеќе да не застане меѓу стативите.
Белгискиот голман остави длабока трага во европскиот фудбал. Во периодот од 2013 до 2019 година беше дел од Ливерпул, а претходно бранеше и за Сандерленд и Сент Тројден.
За репрезентацијата на Белгија настапи 35 пати во периодот од 2011 до 2023 година, а кариерата би можела да ја заврши на неочекуван начин, надвор од терените.