Пеп Гвардиола наскоро ќе стави потпис на нов договор во кој сепак нема да има специјална клаузула која ќе му овозможи на Шпанецот да замине во случај Манчестер Сити да биде префрлен во понизок ранг.
По многу шпекулации за иднината на Пеп Гвардиола, синоќа беше објавено дека стратегот решил да остане верен на Манчестер Сити и да стави потпис на нов едногодишен договор, со опција за додатни 12 месеци.
Денеска се откриваат нови детали, и како што пренесува Гардија, во договорот нема клаузула која ќе му овозможи на Шпанецот да замине во случај „граѓаните“ да бидат префрлени во понизок ранг.
Манчестер Сити е обвинет дека дури во 115 наврати ги прекршил правилата за Финансиски фер плеј, и доколку актуелниот шампион на Англија биде санкциониран, една од можните казни е исфрлање од Премиерлигата.
Па доколку се случи едно вакво сценарио, Пеп Гвардиола нема да може да се ослободи од обврските и ќе го предводи Манчестер Сити и во втора лига.