Популарните „Супер орли“ имаат шанси за осминафинале откако со 2-0 славеа над Исланд. Но за ваков успех ќе им биде потребен добар резултат против Лео Меси и Аргентина.
„Гаучосите“ целосно потфрлија во Русија, беа на прагот на амбисот по понижувачкиот пораз од Хрватска, но победата на Нигерија им даде нова надеж.
Сепак, репрезентацијата од Африка нема да има милост без разлика што многумина сакаат да видат како еден од најдобрите фудбалери во светот, Лео Меси продолжува да се бори за златото во Русија.
„Наша цел е ова да биде последниот меч на Лео Меси на Светските првенства без разлика што сите обожаваме да го гледаме како игра“ – вели дефанзивецот Брајан Идову.
Селекторот Гернот Рор пак додава: „Видете, го имаме овој голем играч, Лео Меси кого сите го обожаваат, дури и јас и моите играчи. Но мене не ме интересира дали ова ќе биде последниот натпревар на Светските првенства за него или нема, мене ме интересира дали ние ќе се пласираме во осминафинале“.
„Не сме тука да го гледаме како игра. Тука сме да обезбедиме добар резултат, да ги браниме боите на Нигерија и сите знаеме дека во фудбалот нема милост, нема сожалување, сите сакаат да победат и нема да му подариме ништо на Меси, без разлика дали ни се допаѓа многу овој играч“.