Марк Андре Тер Штеген би можел веќе овој месец да ја напушти Барселона, пренесуваат шпанските медиуми.
Германскиот голман по тешката повреда на коленото падна во втор план кај новиот тренер Ханси Флик, а неговата ситуација дополнително се влоши по доаѓањето на Жоан Гарсија, кој брани во одлична форма и ја има целосната доверба на стручниот штаб.
Тер Штеген наводно бара нова средина со цел повторно да добие континуитет и да ја оживее кариерата, со јасна цел да се избори за место во германската репрезентација за претстојното Светско првенство. Како можна дестинација се споменува Жирона.
Голманот кој е член на Барселона од 2014 година и има 291 настап во Ла Лига верува дека редовната минутажа во вториот дел од сезоната може повторно да го врати меѓу кандидатите за Мундијалот.