Бразилската ѕвезда Нејмар би можел неочекувано да добие наследство од речиси една милијарда долари и тоа од човек кого никогаш не го сретнал.
Станува збор за бизнисмен од Рио Гранде до Сул, кој во јуни годинава почина, а во својот тестамент целиот имот го препишал на 33-годишниот напаѓач. Документот бил заведен во нотарска канцеларија во Порто Алегре во присуство на сведоци и заменик нотар.
Починатиот живеел сам, без семејство, а одлуката ја донел во целосна свест. Во тестаментот запишал дека го цени Нејмар, дека го потсетува на него самиот и дека му се допаѓа неговата желба да помага на другите. Дополнително навел дека и двајцата имале сличен однос со своите родители.
Фудбалерот засега нема дадено официјален коментар, а конечната одлука дали ќе стане наследник ќе ја донесат бразилските судови.
Нејмар и онака низ кариерата заработи многу и неговиот имот се проценува на 1,1 милијарда долари, па сега би можел да стане и речиси двојно побогат.
Фото: Santos FC/X