Тренерот Александар Васоски го напушти клубот велејќи дека не може повеќе да се бори во тешката ситуација на Вардар. А не се исклучува можноста во јануари да си замине и нов бран на фудбалери.
Самсоненко требаше да ги подмири долговите кон играчите до крајот на годината, но клубот има долгови и кон неколку претпријатија, а таков никој не сака да го преземе.
Навивачите на Вардар покренаа петиција за спас на клубот на која можете да се потпишете на овој ЛИНК.
Тие му се обраќаат на Град Скопје и на Сергеј Самсоненко.
„До Град Скопје
Раководство на Фудбалски клуб Вардар
Ние, навивачите на ФК Вардар,
Револтирани од кризата во која западна најтрофејниот македонски фудбалски клуб,
Вознемирени од блокадата на сметките на клубот,
Бесни поради неспособноста на сегашното раководство и незаинтересираноста на властите да се изнајде одржливо решение за гордоста на нашиот град и Македонија,
Загрижени од можноста ФК Вардар да згасне,
Со надеж дека ќе го поттикнеме Градското собрание повторно да го земе клубот под своја закрила,
Ја покренуваме оваа електронска Граѓанска иницијатива и бараме:
1. Сегашното раководство да ја информира јавноста за тоа што се случува во ФК Вардар и да достави целосен извештај за состојбата во која се наоѓа клубот до Градот Скопје,
2. Господинот Сергеј Самсоненко да ги исплати долговите што клубот ги должи и да го врати ФК Вардар во сопственост на Град Скопје со чиста сметка,
3. Во случај г-дин Самсоненко да не ги подмири долговите, Градот Скопје да го преземе клубот и да изнајде начин за подмирување на долговите со цел стабилизирање на ФК Вардар.
АЈДЕ ДА СИ ГО СПАСИМЕ КЛУБОТ!
СПАС ЗА ФК ВАРДАР МОРА ДА ИМА!“, пишува во петицијата.