Одлуката на Јирген Клоп да стане нов глобален директор за фудбал на Ред Бул не им се допадна на германските навивачи, особено оние на Борусија Дортмунд, па беа упатени многу критики на социјалните мрежи.
Јирген Клоп беше еден од најомилените ликови во фудбалот, но денеска тој стана еден од поомразените, особено кај фудбалските љубители во Германија и навивачите на Борусија Дортмунд.
Поранешниот тренер на Ливерпул реши да стане нов глобален директор за фудбал на Ред Бул, па беа упатени многу критики на социјалните мрежи.
Со коментари од типот на „Предавник“, „Си ја продаде душата“ или „Кога парите се поважни од се друго“, стратегот беше „распарчен“.
Имено, РБ Лајпциг е на мета поради тоа што успехот го креираше со пари, а не преку потешкиот пат со напорна работа, па „биковите“ се на удар на обичните навивачи и важат за најомразениот клуб во цела Германија, зошто со пари преку ноќ ја рушат традицијата.
А сега и Јирген Клоп ја изгуби почитта и восхитот што го имаа навивачите поради тоа што станува дел од проектот на Ред Бул.
Во обраќање на социјалните мрежи, тој се обиде дополнително да го образложи својот избор.
„Пред неколку месеци реков дека повеќе не се гледам покрај аут-линијата, и овој став не се променил. Но и понатаму го обожавам фудбалот, сакам да работа и Ред Бул ми дава перфектна платформа за тоа“ – вели Јирген Клоп.