Навивач на Ливерпул доби доживотна забрана за присуство на фудбалски натпревари во Велика Британија поради расистички навреди кон фудбалерот на Борнмут, Антоан Семењо.
Инцидентот се случи во 29. минута од мечот на „Енфилд“ кој заврши со победа на Ливерпул од 4-2. Ганскиот напаѓач веднаш ги пријави навредите, а полицијата потврди дека станува збор за 47-годишен жител на Ливерпул кој бил отстранет од трибините и потоа приведен.
Тој е пуштен со мерка која му забранува да присуствува на било кој фудбалски натпревар во Обединетото Кралство и да се приближи на помалку од 1,6 километри од стадион. Семењо изјави дека ќе го памети мечот по поддршката која ја доби од целата фудбалска заедница, а не по навредите.