Во српската фудбалска јавност веќе извесно време се зборува за соработката меѓу еден од најпопуларните јутјубери во регионот, Бака Прасе (Богдан Илиќ) и фудбалскиот клуб Војводина, а раководството на новосадскиот клуб сега реши да направи уште еден чекор кој привлече големо внимание.
Војводина, како еден од најстарите и најтрадиционални клубови во Србија, одлучи да пушти во продажба дрес со името на Бака Прасе и бројот „69“, потег што веднаш предизвика бројни реакции во јавноста.
Инаку, познатиот јутјубер во изминатиот период редовно беше присутен на натпреварите на Војводина, а во своите стримови често јавно се декларираше како навивач и зборуваше за клубот од Нови Сад.

Критики за ваквата соработка упати и генералниот директор на Црвена Звезда, Звездан Терзиќ, додека кај навивачите на Војводина мислењата се јасно поделени. Дел од нив сметаат дека ваквиот потег не му прилега на клуб со ваква традиција, додека други го оценуваат како одличен маркетиншки потег што донесе поголема видливост и популарност.
Дополнително „масло на огнот“ долеа и транспарентот на „Делии“ на неодамнешното дерби со Звезда, на кој беше испишано: „Некогаш стара дама, сега Бака Прасе“.
