Спортскиот директор на Наполи, Џовани Мана има полни раце работа, откако синоќа конечно го договори трансферот на Ромелу Лукаку, достави и нова понуда до Манчестер јунајтед за ангажман на Скот Мектоминеј.
Се чини дека поразот од 3-0 од Верона на отварањето на новата сезона во Серија А го раздвижи трансфер пазарот на Наполи.
Оваа недела беше потврден ангажанот на Давид Нерес од Бенфика, а доцна синоќа беше објавено дека „наполитанците“ конечно постигнале договор со Челси за трансфер на Ромелу Лукаку.
Откако „сините“ категорично одбија позајмица со обврска за перманентен трансфер, „наполитанците“ на маса ставија 30 милиони евра, плус додатни 15 милиони во бонуси и двата клуба си подале рака.
Но мисијата на Џовани Мана во Англија продолжува, спортскиот директор сега ќе се обиде да го договори и Скот Мектоминеј од Манчестер јунајтед.
Доставен е нов предлог вреден околу 25 милиони евра, „ѓаволите“ бараат околу 30 милиони евра, па двата клуба во следните денови ќе се обидат да пронајдат компромис.