Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Амад Диало, нема да биде во составот за утрешниот натпревар против Брентфорд поради смртен случај во неговото семејство.
Крилниот напаѓач воопшто не патувал со тимот и останал во Манчестер, а неговото отсуство го потврди менаџерот Рубен Аморим на официјалната прес-конференција пред натпреварот.
„Амад нема да биде со нас бидејќи некој од неговото семејство почина. Му ја пружаме целата поддршка и го очекуваме да се врати кога ќе биде во можност“, изјави Аморим.
Покрај Диало, Јунајтед ќе биде ослабен и со неиграњето на повредените Нусар Мазрауи и Лисандро Мартинез, додека Каземиро е надвор од комбинација поради црвениот картон на дербито со Челси.
„Црвените ѓаволи“ гостуваат кај Брентфорд утре со почеток од 13:30 часот.