Намалена е
суспензијата на првата ѕвезда на ПСЖ, Нејмар, која се однесува на настапите во
Лигата на шампионите, по жалбата која беше испорачана до судот за спортска
арбитража, наместо три, Бразилецот ќе отсуствува два меча во елитното европско
клупско натпреварување.
Суспензијата се
однесуваше на сите натпреварувања под капата на УЕФА, а Нејмар истата ја доби
по коментарите кои ги имаше на социјалните мрежи по поразот на ПСЖ од Манчестер
јунајтед во ланската сезона во март, по што прстот го впери кон официјалните
лица.
Како за
потсетување, тогаш Нејмар видно вознемирен од тоа што Манчестер јунајтед доби
пенал во финишот од реванш пресметката со ПСЖ во Париз, па иако францускиот тим
славеше со 0-2 на Островот, дома беше елиминиран откако беше поразен со 1-3 во
осминафиналето.
„Ова е невиден
срам, поставиле четворица кои немаат појма за фудбалот, а истите тие ги
прегледуваат снимките со помош на ВАР технологијата, тоа не беше пенал, како
може да е играње со рака кога топката го погодува одзади! Е*ете се!“ напиша тогаш Нејмар на социјалните
мрежи.
Сега, како што
стојат работите, Нејмар ќе ги пропушти воведните две кола од групата „А“,
односно утрешниот меч на домашен терен против Реал Мадрид, како и мечот на
гостувањето кај Галатасарај во второто коло.