Белгиската, но и пошироката фудбалска јавност беше изненадена кога Роберто Мартинез го соопшти списокот на фудбалери кои ќе играат на Светското првенство, а на него го немаше Раџа Најнголан.
Фудбалерот на Рома смета дека заслужил да настапува на Мундијалот и не треба да го судат за однесувањето надвор од теренот доколку има перформанси на високо ниво.
„Доволно е, моето збогум за репрезентација сега е потпишано. Нема да продолжам да се борам, веќе имав и испланирано да престанам да играм за Белгија доколку не ме викнат на Светското првенство“, вели Најнголан.
„Детски сон ми беше да играм на Светско првенство, и го заслужив тоа, но ми го земаа“.
„Мојот агент не ни знае дека ќе престанам да играм за репрезентацијата, го пишувам тоа што го мислам, јасно и без да размислувам со часови“.
„Доаѓа директно од срцето, не сакам да носам маска, јас сум тој кој што сум, доколку луѓето не го сакаат тоа, не можам да направам ништо околу тоа“.
„Нема да се променам поради нив, изморен сум од тоа секогаш да ме посочуваат како лошо момче“.
„Сакам да бидам оценуван по моите перформанси на теренот, не по она што е надвор од него. Дали би зборувале поинаку за Марадона од тие причини? Секој е слободен да прави што сака доколку игра добро на теренот“.
„Дали мислите дека сите играчи се добри момци? Не се срамам од тоа што сум“.
„Да бидам единствениот фудбалер на кој два пати по ред не го викаат на Светско првенство, веќе можам да се смеам за тоа“.
„Мартинез ми се јави и ме праша кај сум, дали во Белгија или во Рим. Му реков дека сум во Рим и ми рече дека ќе дојде“.
„Се сретнавме во хотелот Хилтон на аеродромот. Прво си помислив дека сака да зборува лице во лице да биде сигурен како се однесувам“
„Тажен сум бидејќи заслужив да одам на Светско првенство. Во Лигата на шампионите стигнав до полуфинале и играв добро за Рома, не можам ништо повеќе од тоа“.
„Пред четири години не ме викнаа, но тогаш одлуката не беше базирана врз моите перформанси, се уште играв за Каљари“.
„Ситуацијата тогаш беше поинаква, но отогаш четири години играм за Рома и играм добро. А не добив награда за тоа“.
„Би сакал да кажам дека тоа што селекторот дојде до Рим да ми ја соопшти одлуката е одлично. И јас би го направил истото за него, кога имам проблем со некого, одам кај него“.
„Тој почна велејќи дека сум топ фудбалер со важна улога за Рома и доколку би ми бил клупски тренер ќе го градел тимот околу мене но не можел да го прави тоа во националниот тим, нема многу време“.
„Ми рече дека сум премногу важен фудбалер за да бидам на клупата. Има помали играчи кои би биле среќни кога би влегле и по една минута, а јас не би бил“.
„Донекаде го разбирам неговото објаснување кога зборува за тактичкиот избор. Но потоа си помислувам, што ако се повредат двајца играчи од средниот ред? Дали ќе се потпре на тие младинци?“.
„Тој смета дека јас би се однесувал лошо на клупата. Но никогаш не сум правел проблеми кога сум резерва. 39 пати сум добил повик а сум одиграл 30 меча, значи веќе сум бил на клупата, па објаснувањето му нема смисла“.
„Нема да бидам во Русија, одмор си е одмор. Единствена позитивна работа е што ќе имам пет слободни недели, ќе ги гледам натпреварите на телевизија. Не само поради почитта кон моите соиграчи, ќе ги гледам мечевите од првиот до последниот удар“.
„Азар и Фелаини ми пишаа да ми кажат да останам смирен, но ме разбираат. Исто и Мертенс, Де Брујн, Вертонген… им посакуван се најдобро, се надевам дека ќе стигнат најдалеку што можат“.
„Имаме играчи кои можат да бидат светски шампиони, па зошто да не веруваме?“.