Лука Модриќ минатото коло во Серија А одигра на високо ниво и го водеше Милан до победа над Фиорентина (2-1).
Модриќ уште еднаш покажа дека возраста за него е само бројка. Иако има 40 години и веќе ги освои сите можни трофеи со Реал Мадрид, Хрватот со неверојатна страст и посветеност се бори за секоја топка во новиот клуб. Италијанската јавност е воодушевена од неговата енергија и интелигенција во играта, а настапот против „виолетовите“ предизвика бројни реакции во медиумите и кај поранешните фудбалски ѕвезди.
Еден од најгласните беше Антонио Касано, кој често е најголем критичар на Милан, но овојпат направи исклучок.
„Еден час средбата беше ужасна, од 22 играчи само еден заслужува пофалби — Лука Модриќ. Дури и кога ќе одигра додавање од два метра, задоволство е да се гледа. Модриќ игра друг спорт. Милан го сврте резултатот благодарение на грешката на Де Хеа, а потоа и пеналот“, изјави Касано.