Интер и Милан
приредија возбудлив натпревар кој беше решен со наивен пенал во самата завршница.
„Нероаѕурите“ беа
подобар противник во првиот дел, второто полувреме му припадна на Милан, па
можеби 2-2 ќе беше најреален резултат, но „Нероаѕурите“ се радуваат на победа и
три бода откако судијата во финишот покажа на белата точка по еден непотребен
старт на Родригез.
Резултатот беше
отворен во 28. минута, Кандрева нафрли а Икарди стрелаше прецизно за 1-0.
Милан експресно
се врати во игра на стартот од вториот дел. Андре Силва
најпрво ја погоди стативата, акција по која Мусакио ја затресе и мрежата но голот
оправдано беше поништен поради офсајд.
Изедначувањето
стигна во 56. минута, Сусо прекрасно биеше од врвот на шеснаесетникот за 1-1.
„Росонерите“
продолжија да притискаат, но Икарди одзеде една топка на средината од теренот и потоа
мајсторски финишираше за 2-1 во 63. минута.
Голот не го скрши
моралот на Милан, и избраниците на Монтела одново израмнија, Бонавентура се
најде осамен на подалечната статива и погоди за 2-2 во 81. минута.
Икарди сепак го
имаше последниот збор откако во 90. минута беше досуден пенал. Родригез
непотребно влечеше кога топката идеше во гол-аут, судијата покажа на белата
точка а сигурен реализатор беше Аргентинецот за хет-трик и големо славје.