Раџа Наинголан повторно се најде во центарот на вниманието со жестоки критики кон Роберто Мартинез, човекот кој шест години ја водеше златната генерација на Белгија, а денес командува со Португалија.
Според поранешниот ас на Рома и Интер, Белгија направила огромна грешка што му ја доверила репрезентацијата на Мартинез. Убеден е дека селектор од повисоко ниво ќе извлечел многу повеќе од тим во кој блескаа играчи како Азаp, Де Брујне и Лукаку.
„Не направивме успех каков што можевме да имаме, но не бев јас проблемот. Марк Вилмотс (претходниот селектор) не ме стави во почетниот тим на ЕП 2016, иако играв во одлична форма. Потоа дојде Мартинез и ме исфрли без објаснување. Тој е многу лош тренер, измислуваше глупави причини. Ако Белгија вложеше повеќе во подобар селектор, можеше да освојува трофеи“ изјави Наинголан.
Тој објасни дека Мартинез постојано се потпирал на индивидуалниот квалитет на најголемите ѕвезди во тимот.
„Кога и да беше тешко секогаш знаеше да каже само додај на Азар , додај на Де Брујне… Се надеваше дека секогаш тие ќе можат нешто да направат. Тоа беше неговата тактика“ нагласи Наинголан.
Уште останува прашањето дали Белгија навистина ја пропушти најголемата шанса во својата историја. Во меѓувреме, Мартинез се обидува да стигне до врвот со Португалија, каде работи со нова плејада ѕвезди предводени од Кристијано Роналдо.