Поранешниот белгиски репрезентативец Раџа Наинголан повторно привлече внимание со своите изјави, овојпат во интервју за „Спортиум“, каде што отворено зборуваше за својата кариера и за споредбите со некои од најголемите имиња во фудбалот.
Контроверзниот играч од средниот ред смета дека во времето кога настапувал во Серија А малкумина можеле да му парираат по квалитет. Според него, само Артуро Видал и Даниеле Де Роси биле на негово ниво.
Наинголан не пропушти можност да го спомене и Пол Погба, за кого тврди дека не оставил толку силен впечаток како што често се претставува.
„Искрено, мислам дека бев подобар од него. Погба во кариерата имаше само три сезони на врвно ниво“, изјави Белгиецот.
Тој во разговорот се осврна и на тренерската професија, посочувајќи дека денес многумина се занимаваат со таа работа.
„Кога ќе видам кој сè е тренер денес, мислам дека и јас би можел да ја работам таа работа“, порача Наинголан во својот препознатлив, директен стил.