Генералниот извршен директор Оскар Грау и спортскиот директор Ерик Абидал денеска во Доха имале средба со Чави.
Раководството на Барса сакало да го опипа теренот за можноста стратегот да седне на кормилото на клубот по крајот на сезоната, но серијата лоши резултати и поразот од Атлетико во Суперкупот на Шпанија, го натерало раководството на Барса да му понуди на Чави веднаш да го наследи Ернесто Валверде.
Легендата на „каталонците“ на маса има две ипол годишен договор, односно за до крајот на сезоната, плус следните две.
Извори од таборот на Барса смируваат, велат дека Бартомеу нема намера да му даде отказ на Валверде во овој момент и објаснуваат дека средбата со Чави била испланирана од поодамна.
Но каде има чада има и оган, па клубот на Чави, Ал Сад се огласи со соопштение.
„Сосема нормално и очекувано е Чави да се пресели во Барселона, тоа е негов клуб, негов дом. Сигурно во иднина ќе го видиме Чави во Барселона но во моментов тој е тренер на Ал Сад и неговиот фокус е на мечот против Ал Рајан. Сите преговори во иднина ќе треба да се одвиваат преку официјални канали на клубот“ – гласеше известувањето.