Ламин Јамал доби дозвола да го напушти кампот на Шпанија, младиот напаѓач имал инвазивна радиофреквентна процедура за третман на болките во пределот на препоните и треба да паузира помеѓу седум и десет дена.
На повидок нова војна помеѓу Фудбалската федерација на Шпанија и Барселона, или подобро кажано продолжување на затегнатиот однос кој почна во септември месец, кога Ламин Јамал се врати повреден од настап со „црвената фурија“ а Ханси Флик го обвини Де ла Фуенте дека не го заштитил младото момче.
Ламин Јамал вчера се пријави во тренинг кампот на Шпанија за натпреварите против Грузија и Турија, но веќе утрово беше отпишан и нема да игра за репрезентацијата.
Како што брифираа од ФФШ, тие останале изненадени и разочарани кога вчера (понеделник, 10. ноември) во 13:47 часот дознале дека Ламин Јамал имал инвазивна радиофреквентна процедура за третман на болките во пределот на препоните.
Процедурата била извршена без претходна комуникација од Барселона, а лекарскиот извештај бил доставен дури во 22:40 часот вечерта.
Во извештајот стои дека Ламин Јамал треба да одмори помеѓу 7 и 10 дена, па имајќи ја во предвид оваа ситуација, напаѓачот е испратен дома бидејќи здравјето, безбедноста и благосостојбата на фудбалерите секогаш е во прв план.