Италијанскиот гигант Интер активно работи на ангажманот на бразилското крило Луис Енрике од редовите на Марсеј, со цел фудбалерот да се приклучи на тимот уште пред почетокот на Светското клупско првенство во јуни.
Тренерот Симоне Инзаги го гледа 23-годишниот Бразилец како клучно засилување во летниот преоден рок, кој веќе се најавува како доста динамичен за миланскиот клуб.
Спортскиот директор на Марсеј, Мехди Бенатија, веќе остварил првични контакти со раководството на Интер, додека агентот на фудбалерот успеал да ги усогласи личните услови на договорот за својот клиент.
Во наредните денови се очекува и нова рунда разговори помеѓу двата клуба, со цел да се финализира трансферот. Интер испратил иницијална понуда од 25 милиони евра плус бонуси, но францускиот клуб инсистира на сума од најмалку 30 милиони евра.
Челниците на „нераѕурите“ се надеваат дека ќе успеат да ја намалат разликата во преговорите и што побрзо да го официјализираат трансферот за Енрике да биде регистриран и подготвен за настап на Светското клупско првенство, кое започнува во јуни.
Фото: Olympique de Marseille/X