„Топчиите“ пред
две ипол недели се разделија со Унаи Емери по серијата лоши резултати и на привремена
основа првиот тим му го доверија на Фреди Љунберг. Сепак, Швеѓанецот не се снаоѓа
најдобро во улогата тренер на Арсенал, има само една победа на пет меча, па
самиот го повика раководството час поскоро да именува нов предводник.
Клубот од Северен
Лондон се поврзува со неколку имиња, но се чини дека Микел Артета е прв кандидат.
По синоќешниот пораз на Арсенал од Манчестер Сити, делегација на „топчиите“ го
посети Шпанецот во Манчестер.

Извршниот
директор Винаи Венкатешам беше уловен од медиумите како излегува од домот на Микел
Артета во 1:20 часот утрово заедно со Хас Фахми, адвокат и главен преговарач. Се говори дека тие разговарале со стратегот околу два ипол часа.

Микел Артета има 149
натпревари во дресот на Арсенал во периодот од 2011 до 2016, веднаш потоа стави
крај на кариерата и стана дел од тренерскиот персонал на Пеп Гвардиола во
Манчестер Сити. Неговото име се поврзуваше со „Топчиите“ и во 2018 кога Арсен
Венгер го напушти Емирати.