Интересот за Светското првенство во 2026 година ги надмина сите очекувања и постави нови рекорди уште во најраната фаза од продажбата на билетите.
Претседателот на ФИФА Џани Инфантино откри дека за само 15 дена биле поднесени дури 150 милиони барања за билети за мундијалот што заеднички ќе го организираат САД, Канада и Мексико. Како што истакна првиот човек на светската фудбалска организација, на располагање ќе има меѓу 6 и 7 милиони билети, што јасно ја покажува големината на интересот.
„Имаме достапни шест до седум милиони билети, а за 15 дена добивме 150 милиони барања. Тоа значи дека просечно добиваме десет милиони барања секој ден. Во речиси 100 години од Светското првенство, продадени се вкупно 44 милиони билети, па се покажува дека побарувачката за билети за претстојното Светско првенство опфаќа период од над 300 години. Лудо е, тешко е да се замисли, но ја покажува важноста на Светското првенство во фудбалот“, изјави Инфантино на Светскиот спортски самит во Дубаи.
Според податоците на ФИФА, најголем број барања за билети пристигнале од САД, а потоа следуваат Германија и Велика Британија. Во меѓувреме, здруженијата на навивачи реагираа поради високите цени, кои во почетната фаза биле значително повисоки во споредба со Светското првенство во Катар.
По критиките, ФИФА донесе одлука дел од билетите да бидат пуштени во продажба по цена од 60 долари, со цел да се овозможи поголема достапност за навивачите ширум светот.