Министерството за внатрешни работи (МВР) излезе со детали за вчерашниот инцидент по мечот меѓу Шкендија и Струга во кој беше нападнат гостинскиот фудбалер, Марјан Радески.
Клубовите вчера веднаш се оградија дека станува збор за инцидент поврзан со фудбалот. Од МВР денеска соопштија дека напаѓачите биле од Прилеп и Битола.
Радески беше нападнат по натпреварот откако излезе од стадионот.
Според МВР, тие ги уапсиле 34-годишниот Д.Д. од Прилеп и 37-годишниот И.А. од Битола, кои се задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, ќе им бидат поднесени соодветни пријави.
Радески изјавил дека при излегување од стадионот го забележал Д.Д., со кого претходно се познавал, кој го повикал да влезе во возило со прилепски регистарски таблички, каде бил присутен и И.А., по што двајцата физички го нападнале.