Жозе Мурињо повторно ја крена температурата во фудбалската јавност, овој пат со критика кон ВАР системот. Португалскиот стратег долго време има резерви кон технологијата, но сега отиде еден чекор подалеку и јавно порача дека ВАР треба да се укине бидејќи, според него, повеќе штети отколку што помага.
Мурињо објаснува дека ВАР не ги смирува реакциите туку напротив, создава уште поголеми полемики. Тој смета дека на крај се сведува на човечка интерпретација, при што одлуките често зависат од тоа како некој ќе ја прочита ситуацијата, а понекогаш дури и ќе зажмири на јасни прекршоци.
Португалецот е особено револтиран по последните натпревари на Бенфика, за кои тврди дека биле обележани со серија спорни судиски одлуки. Според него, ВАР не реагирал во моменти кога било очигледно дека има сериозна грешка, што ја прави целата технологија бесцелна.
„Подобро е ВАР да се укине. Ако ВАР не може да реагира кога има грешка од толку големи размери, тогаш за што служи? Се чини дека не прави ништо. Во еден таков случај, за фудбалот е подобро да го нема“, изјави Мурињо.
Со ова Мурињо само им се придружува на критиките кои веќе подолго време доаѓаат од Англија, каде се води активна дискусија дали ВАР системот воопшто треба да опстане.