Мурињо: Судијата ме исклучи затоа што му ја кажав вистината!

by riste
2 минути читање

На мечот меѓу Бенфика и Реал Мадрид видовме само еден гол, но многу тензија која доаѓаше во повеќе наврати, меѓу нив беше и црвениот картон за Жозе Мурињо.

Мурињо кој еднаш беше опоменат со жолт картон, збесна кога судијата не му покажа втор жолт на Винисиус по што Португалецот беше испратен на трибината со црвен картон.

На прес-конференцијата по мечот Мурињо даде контроверзна изјава во која тврдеше дека судијата знаел кои играчи на Реал Мадрид имаат жолти, па намерно не сакал да им даде и на овој дуел со цел да не бидат суспендирани за реваншот.

„Ме исклучи зашто му ја кажав вистината, а тие не сакаат да ја слушаат. Нема тука што да се објаснува, сè е јасно. Исклучен сум поради нешто очигледно. Судијата имаше ливче на кое беа запишани имињата Карерас, Чуамени и Хојсен – дека тие не смеат да добијат жолт картон бидејќи тогаш нема да играат во реваншот. И не им го покажа картонот. Не му покажа на Карерас за онаа смешна симулација, ниту на Чуамени за десет фаули. Му реков дека имам 1.400 натпревари покрај аут-линијата, од кои 200 европски и дека тој точно знае кого смее да запише, а кого не. На крај запиша некого што сите го видоа. Ние знаеме како функционираат овие работи“, изјави Мурињо.

Португалецот вели дека неговите фудбалери и без него ќе се борат за сензација на Бернабеу и на шега изјави дека се моли само да не се појави Ентони Тејлор, судијата кој не досуди чист пенал за Рома во финалето од Лига Европа кога Мурињо ја водеше волчицата.

„Нема да седам на клупата, не можам во соблекувалната, не можам да разговарам со играчите… Тешко ми е поради тоа, но имам добри асистенти. Им реков на фудбалерите да размислуваат исто како кога бевме отпишани во групната фаза. Додека има надеж и шанса за резултат – одиме по него. Ова сега е како натпревар во кој губиме 0-1 на полувреме. Одиме на стадион со бучна публика. Само да не се појави од некаде Ентони Тејлор“, додаде Мурињо.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×