Жозе Мурињо по 25 години се врати таму каде што почна во Бенфика, денеска официјално беше презентиран како нов тренер на гигантот од Лисабон, а ја одржа и првата прес-конференција.
Во септември 2000 година Мурињо ја почна тренерската кариера, а прв клуб кој го водеше беше Бенфика. Тогаш остана кратко, само 11 натпревари. Тоа беше период на претседателски избори во Бенфика, по кои побара продолжување на договорот од новиот претседател, не го доби тоа што го сакаше и замина.
За разлика од тогаш кога пристигна таму како анонимус, сега се враќа како еден од најдобрите тренери во историјата на фудбалот.
„Поминаа 25 години, но не сум тука да ја славам мојата кариера, поминаа 25 години во кои имав можност да работам во најголемите клубови во светот, и сега како претставник на овој клуб, сакам да кажам дека ниту еден од претходните гиганти каде што имав можност да работам, не ме направил да се чувствувам попочестен, поодговорен или помотивиран од тоа да бидам тренер на Бенфика. Сите Португалци знаат што значи Бенфика за оваа земја“, вели Мурињо.
Дебито на Мурињо е веќе во сабота кога Бенфика му гостува на Авес во португалското првенство. До тој натпревар Португалецот планира да остане во тренинг центарот и да работи.
Мурињо побара да биде прес-конференцијата кратка бидејќи има многу работа, а нема многу време.
„Кога заминав од дома им реков се гледаме во недела“, рече Мурињо алудирајќи на тоа дека нема да се врати во својот дом додека не заврши мечот со Авес.
Мурињо рече и дека целта на Бенфика е да бидат шампиони во Португалија оваа сезона.