На Олд Трафорд ова лето пристигна само едно големо засилување, Фред од Шахтар. Жозе Мурињо бара уште две имиња, но на четири дена пред крајот на преодниот рок во Англија, нема ниту трага ниту глас од нов фудбалер иако Манчестер јунајтед се поврзува со неколку играчи.
„Ѓаволите“ вчера ја имаа последната контролка, загубија на гостувањето на Алианц Арена кај Баерн Минхен, па Жозе Мурињо ја искористи оваа прилика за нова провокација до Јирген Клоп и Ливерпул. Португалецот исто така испрати и порака до управата на Манчестер јунајтед и предупреди дека ризикуваат да заостанат зад конкурентите.
„Мојот извршен директор веќе подолго време знае што сакам. Знам дека го дава максимумот за да ми ги исполни желбите, има уште неколку дена до крајот на трансфер пазарот па ќе почекаме да видиме што ќе се случи“ – вели „Специјалниот“.
„Другите клубови кои ни се главни ривали се многу силни со фантастични состави, како Челси, Тотенхем или Манчестер Сити, или пак инвестираат огромни суми како Ливерпул, кој купува се и сешто“.
„Па доколку не го подобриме тимот, сезоната ќе биде тешка“.