Жозе Мурињо ги има освоено речиси сите натпреварувања во кои играл, му недостасува само трофејот од Суперкупот.
Португалецот ќе има тешка мисија да го победи Реал Мадрид во Скопје, но верува дека ќе успее.
„Секогаш кога сум учествувал во УЕФА Суперкупот тоа било како победник од Лига Европа. Кога ја освоив Лигата на шампионите со Порто, го напуштив Порто. Кога ја освоив Лигата на шампионите со Интер, го напуштив Интер. Па никогаш во УЕФА Суперкупот не сум бил со најсилниот тим. Исто е и овој пат, со Манчестер јунајтед играм против Реал Мадрид кој е победник во Лигата на шампионите. Се надевам дека овој пат ќе успееме“ – вели Мурињо.
„Ова е фантастична можност да играте против најдобриот тим во Европа, едно е на пријателски натпревар во САД, а друго е сега кога и двата тима се подготвени за новата сезона“.
„Нашите фудбалери немаат големо искуство во големи европски натпревари. Ова е нов Манчестер јунајтед, нова генерација на играчи, минатата сезона бевме во Лига Европа што е многу важно во поглед на стекнување искуство, но сега се враќаме во Лигата на шампионите и да играме Суперкуп против најдобриот тим во Европа, е голема можност“.
„Не го гледам мечот како дуел против мој поранешен клуб. Бидејќи тоа е нешто што сум го правел повеќе пати. Кога го напуштив Порто, два месеци подоцна играв против нив во Лигата на шампионите. Кога заминав од Челси, неколку месеци подоцна играв против нив со Манчестер јунајтед. Не ги гледам како поранешни клубови. Реал Мадрид го гледам каков што е, голем клуб, европски шампион и голема мотивација за нас да играме против нив“.
Натпреварот од Суперкупот се игра на 8. август во вторник на „Филип Втори“ Арената во Скопје.