Новиот шеф на
стручниот штаб на Тотнем, Жозе Мурињо, според информациите кои пристигнуваат од
Островот, се вели дека има две големи желби кои посакува да бидат првите
засилувања за тимот од Лондон уште во јануарскиот преоден рок.
Се верува дека
Мурињо ги посакува фудбалерот од средниот ред, Бруно Фернандеш, како и дефанзивецот Рубен Дијас како први засилувања за својот
тим, а наводно португалскиот фудбалски стратег веќе посочил во клубот дека
дуото негови сонародници се примарни желби, без разлика тоа дали би се случило
во јануари, или преодниот рок на лето.
Фернандеш и Дијас
од претходно се поврзуваат со повеќе клубови од Европа, а сега „Спарси“ влегоа
во трката по нивните потписи, Манчестер јунајтед исто така е заинтересиран за
обајцата фудбалери.
„90мин“ известува
дека Мурињо веќе го известил агентот Жорге Мендеш за своите намери, а воедно му
дал инструкции да внимава на иднината на двоецот, алудирајќи на фактот што
обајцата се постојано под мониторинг на повеќе европски гиганти.
Фернандеш и Дијас
се веќе на листата на желби кај шефот на стручниот штаб на Манчестер јунајтед,
Оле Гунар Солшер, па секако дека ќе биде интересна битката помеѓу Мурињо и
поранешниот клуб кој токму тој го предводеше од клупата.
Од поодамна е
позната неизвесноста околу 25 годишниот Фернандеш и неговата иднина во Спортинг
Лисабон, а што се однесува пак до 22 годишниот Дијас, тој веќе две сезони е
централна фигура во тимот на Бенфика, а во меѓувреме беше од голема корист на
Португалија во пласманот на таа селекција на Европското првенство идната
година.