Мурињо заедно со Ндомбеле, Санчез и Сесињон е виден како тренира во парк, случајни минувачи снимиле неколку видеа од кои се гледа дека играчите не се на препорачаната дистанца, па јавноста го впери прстот во Португалецот.
Британската влада донесе препорака луѓето да бидат на растојание од 2 метри кога ќе излезат надвор од својот дом.
Во еден период во паркот Мурињо тренирал сам со Ндомбеле и постојано биле на прописната раздалеченост. Но јавноста им замерува на Санчез и Сесињон кои џогирале блиску еден до друг.
Тие двајца им се приклучиле на Мурињо и Ндомбеле и се верува дека тренингот продолжил според прописите.
Поради притисокот од јавноста, Тотнем јавно ги потсети своите фудбалери дека мора да одржуваат социјална дистанца.
„Сите фудбалери се потсетени да ја одржуваат препораката за социјална дистанца кога вежбаат надвор. Продолжуваме да им го кажуваме тоа“, изјави портпаролот на Тотнем.