„Специјалниот“ се уште е без ангажман откако доби отказ од Манчестер јунајтед во декември минатата година. Жозе Мурињо често велеше дека го чека вистинскиот проект и затоа одбил неколку понуди (се говореше дека можел да стане далеку најплатениот тренер доколку прифати преселба во Кина но кажал НЕ на 100 милиони евра).
И додека чека да добие предлог од амбициозен клуб, Португалецот реши да се врати во Премиерлигата и да работи како стручен коментатор на Скај Спортс.
Неговото прво појавување во студиото ќе биде овој викенд, кога на Олд Трафорд ќе се сретната двата негови поранешни клубови, Манчестер јунајтед и Челси.
„Премиерлигата е посебно натпреварување за мене, потребно ви е многу работа за да победите и не можете да го тргнете погледот од натпреварите секоја недела. Скај Спортс е домот на Премиерлигата и задоволство ми приставува тоа што ќе му се придружам на тимот и ќе можам да помогнам да објасниме и разбереме што се случува секоја недела. Фудбалот е огромна пасија, им значи многу на фановите, и со нетрпение чекам да бидам дел од Премиерлигата заедно со нив, се додека не се вратам на моето место на клупата“ – вели Жозе Мурињо.
Ќе биде интересно во студиото, бидејќи покрај него ќе седи Гери Невил, кој често знаеше да го критикува „специјалниот“ изминативе години. Друштво ќе им прави и Џејми Карагер, Грем Сунес и Џејми Реднап.