„Црвените“ се
најактивни на трансфер пазарот ова лето и Јирген Клоп потроши преку 170 милиони
фунти за да ги донесе Алисон, Кита, Фабињо и Шаќири. Ривалите се
свесни дека Ливерпул прави силен тим, па Жозе Мурињо уште сега почна со своите
препознатливи психолошки војни и испрати порака до Јирген Клоп.
„Оваа сезона мора
да се бараат победи. Ако се земе во предвид дека беа финалисти во Лигата на
шампионите, со инвестициите кои ги направија минатата сезона, и инвестициите
кои ги прават сега, мора да им се каже на Ливерпул и Клоп дека се големи
кандидати, дека мора да стигнат до трофеј“
– вели „Специјалниот“.
Клубот од Енфилд
ова лето навистина потроши повеќе од било кој друг клуб и двојно повеќе од
Манчестер јунајтед, но Жозе Мурињо сака да донесе уште две засилувања на Олд
Трафорд и доколку управата му ја исполат желбата, лесно може да се случи
„Ѓаволите“ да ја надминат сумата која ја инвестираше Ливерпул.
Исто така, ако се
направи пресметка за тоа кој повеќе потрошил од летото во 2016, кога Жозе
Мурињо седна на кормилото на Манчестер јунајтед, бројките откриваат интересни
податоци.
Јирген Клоп има
потрошено нешто над 411 милиони фунти, додека пак Жозе Мурињо околу 392 милиони
фунти. Но Германецот од продажба на играчи во клупската каса донел дури 289
милиони фунти, а Португалецот само 85 милиони фунти.
Доколку се
одземат двете суми, нето потрошувачката на Јирген Клоп е 122 милиони
фунти, додека пак нето потрошувачката на Жозе Мурињо е два ипол пати поголема
или 307 милиони фунти.