„Специјалниот“ ги налути Италијаните со своите коментари пред почетокот на Европското првенство, но на крајот испадна дека тој бил во право.
Непосредно пред стартот на континенталниот собир во Германија, Жозе Мурињо беше запрашан да ги наброи фаворитите.
„Веројатно сите го мислат истото, главни фаворити се Португалија, Франција, Англија, Германија и Шпанија“ – порача „специјалниот“.
Запрашан зошто не го споменал актуелниот шампион Италија, тој порача: „Не верувам дека можат да ја одбранат титулата. Немаат доволно талент во составот, па не можам да видам како одново стануваат шампиони“.
Нормално, на Италијаните не им се допаднаа ваквите коментари, но сега испадна дека Португалецот бил во право.
„Аѕурите“ едвај ја преживеаја групата, да не беше голот на Закањи во 98. минута против Хрватска, веројатно ќе беа елиминирани уште во групната фаза.
Но и покрај тоа што се пласираа во нок-аут фазата, не ја поминаа ниту првата пречка, синоќа беа целосно надиграни од Швајцарија и испратени дома со пораз од 2-0 во осминафиналето.
Обложувај се онлајн на натпреварите од ЕП на Моцарт и добиј бонус до 400 евра, регистрирај се ТУКА.