„Мундо Депортиво“
во најавата за утрешниот меч во Скопје пишува дека тоа ќе биде тежок испит за
фудбалерите на Шпанија во пресрет на дуелот на домашен терен во Мадрид против
Италија, што воедно ќе биде директна пресмека за првото место во групата „Г“ и
директен пласман на Мундијалот во Русија идната година.
„Италија се
извлече во Скопје со победа во последните неколку минути од средбата, имаше
негатива од 2-1 но Имобиле ги спаси во 93. минута. Лопетеги ги подготвуваше
своите фудбалери за мошне незгодниот противник кој ќе има поддршка од трибините
кои би броеле неверојатна бројка од околу 33.500 фанови“ пишува „Мундо
Депортиво“.
Тоа што претходно
дел од шпанските медиуми го подвлекоа како голем проблем за дуелот во Скопје,
истото го потврдува и „Мундо Депортиво“ кој пишува дека Шпанија ќе мора да биде
многу претпазлива во дуелите од причина што има дури шестмина во своите редови кои се под закана за суспензија за дуелот во септември против Италија, за нив
решавачки меч во овие квалификации.
Истовремено „Мундо
Депортиво“ пренесува дека пристигнувањето на ѕвездите од Шпанија не донело
некоја посебна реакција во Скопје, од причина што главниот град во Македонија
сеуште е во мислите на прославата од големиот ракометен успех за нашата земја,
по освојувањето на европската титула од страна на ракометарите на Вардар.
Истиот медиум
веќе ги објави и потенцијалните стартни постави на двете селекции:
Македонија: Димитриевски, Ристовски, Мојсов, Шиков, Спировски, Хасани, Алиоски, Несторовски, Тричковски,
Пандев и Ибраими.
Шпанија: Де Геа, Карвахал, Пике, Серхио Рамос,
Жорди Алба, Бускетс, Тијаго/Иско, Иниеста, Витоло, Силва, Диего Коста.
Ова ќе биде седми
меѓусебен дуел помеѓу Шпанија и Македонија, нашата селекција досега нема ниту
победа, ниту пак реми од досегашните средби со силниот противник.
Мечот утре на „Телеком
Арената“ во Скопје стартува во терминот од 20 часот и 45 минути, главен арбитар
на истиот ќе биде Павел Гил од Полска.
Извор: mundodeportivo.com
Фото-вест: UEFA