Михајло Мудри и Челси попладнево испратија соопштение откако утрово беше објавено дека Украинецот паднал на рутински допинг тест во месец октомври.
Михајло Мудри две недели е надвор од составот на Челси, тренерот Енцо Мареска појаснуваше дека фудбалерот е болен, но денеска беше објавено дека Украинецот всушност паднал на допинг тест во месец октомври и привремено бил суспендиран.
По ваквите вести, попладнево се огласија од таборот на Челси, како и самиот Михајло Мудрик.
„Челси може да потврди дека неодамна добивме допис од ФА со кој бевме известени дека Михајло Мудрик бил позитивен на рутински допинг тест. Клубот и Михајло даваат целосна поддршка на програмата на ФА за тестирање, и сите наши играчи, вклучувајќи го и Михајло, се редовно тестирани. Михајло категорично тврди дека никогаш со знаење не користел забранета супстанца. Михајло и клубот ќе соработуваат со властите за да се утврди причината за овој позитивен тест“ – гласеше известувањето на „сините“.
Михајло Мудрик пак порача дека е шокиран, и нагласи дека никогаш свесно и со знаење не земал забранети супстанци.
„Ме известија дека сум бил позитивен на допинг тест. Ова е голем шок, никогаш со знаење не сум користел забранети супстанци, ниту пак сум прекршил некои правила. Па заедно со мојот тим вршиме истрага како ова можеше да се случи. Знам дека немам направено ништо погрешно и се надевам дека наскоро ќе се вратам на терените. Не можам да откривам други информации поради тајноста на целиот процес, но ќе споделам повеќе веднаш штом можам“.