Се почесто се
говори дека Кинезите немаат финансиски средства да продолжат да го водат Милан,
па клубот од Сан Сиро е на продажба. Во последните неколку недели се погласни
се шпекулациите дека инвеститор од САД е подготвен да вложи во „Росонерите“.
Како опција беа
споменати неколку имиња, а синоќа во вечерните часови речиси сите медиуми
од „Чизмата“ објавија дека мистериозниот инвеститор е Роко Комисо.
Се работи за
милијардер кој е роден во Калабрија и кој емигрирал во САД кога имал само 12
години. Роко Комисо го живее „американскиот сон“ бидејќи не знаел ниту еден
збор на англиски кога се преселил во САД, работел најразлични работи за да
преживее и да се школува, а сега има богатство кое се проценува на 4,5
милијарди долари.
Тој е сопственик
на Њујорк Космос, клубот каде што настапуваше Пеле, а можеби најинтересен е
податокот дека е голем фан на Јувентус. Во едно интервју откри дека имал можност да стане сопственик на неколку клубови од Серија А,
но ги одбил предлозите поради неговите симпатии кон „Старата Дама“.
„Во неколку
наврати ми беше понудена шанса да купам клуб од Италија. Човекот кој
го продаваше Милан на Кинезите е мој пријател. Се работи за Сал Галатиото, со
кого работев пред многу години во Ројал Банк од Канада“ – вели Роко Комисо.
„Кога преговорите
беа во почетна фаза, ме праша дали сакам да влезам, бидејќи знае дека имам
финансиска моќ а го обожавам и Калчото“.
„Пред 17 години
ми беше понудено да ја купам Сампдорија. Добив повици и за Пескара, Палермо,
Катанија и Реџина. Имав шанса да влезам и во Рома, но ги одбив овие предлози
бидејќи сум лојален фан на Јувнетус уште кога како дете играв фудбал на плажите
во Калабрија“.
„Се имам сретнато
со семејството Ањели, сопствениците на Јувентус, но не им се потребни моите пари. Мојот
предлог до Јувентус не беше да го купам клубот, туки слично како Гадафи да
купам дел од акциите. Би било убаво пред да починам да можам да кажам дека сум
најголем малцински акционер во Јувентус. Не сакам да го водам клубот бидејќи
семејството Ањели се прекрасни луѓе и одлично си ја вршат работата, го
направија Јувентус еден од најдобрите клубови во светот“.