Шпанскиот напаѓач Алваро Мората повторно е пред нова страница во својата кариера и по кратката авантура во Галатасарај би можел да се врати во италијанскиот фудбал.
Откако првиот дел од минатата сезона го мина во редовите на Милан, а потоа се пресели во Турција и со Галатасарај ја освои двојната круна, Мората сега е на радарот на амбициозниот Комо. Како што јавуваат италијанските медиуми, клучна улога во потенцијалниот трансфер има Сеск Фабрегас, сонародникот и поранешен соиграч на Мората, кој сега е тренер и еден од сопствениците на клубот.
Зад себе Мората има богато фудбалско „си-ви“ и покрај Милан и Галатасарај, беше дел од Реал Мадрид, Јувентус, Челси и Атлетико Мадрид. Со репрезентацијата на Шпанија минатата година стигна до титулата на Европското првенство во Германија, додека во финалето од Лигата на Нации против Португалија беше трагичар промашувајќи го пенал кој се покажа како клучен во триумфот на Португалците.