Матијас Суле, талентираниот аргентински фудбалер на Рома, би можел во иднина да го облече дресот на Италија.
Според медиумите на Апенините, 22-годишниот офанзивец размислува да ја прифати понудата да игра за „аѕурите“, доколку не добие повик од репрезентацијата на Аргентина.
Суле е роден во Аргентина, каде ги направи првите фудбалски чекори, но кариерата ја изгради во Италија. По доаѓањето во Јувентус во 2021 година, бргу го привлече вниманието со својата креативност и техника. Минатото лето премина во Рома, каде што блеска во новата сезона со три гола и две асистенции во првите шест кола од Серија А.
Иако има настапи за младинските селекции на Аргентина, неговите италијански корени му овозможуваат право на настап за репрезентацијата на Италија. Се шпекулира дека селекторот Џенаро Гатузо внимателно ја следи неговата форма, додека конкуренцијата во нападот на Аргентина останува огромна.