Барселона обезбеди директен пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите, откако во последното коло славеше против Копенхаген со 4-1 по пресврт. На каталонскиот тим му беше неопходна победа за да влезе меѓу најдобрите осум и да го избегне плејофот, а задачата ја исполни и покрај тоа што не блескаше во текот на лигашката фаза.
По натпреварот, играчот од средниот ред Марк Касадо откри дека атмосферата во соблекувалната на полувремето била далеку од мирна и призна дека тренерот Ханси Флик бил исклучително незадоволен од изданието во првите 45 минути.
„На полувремето, тренерот воопшто не беше задоволен од она што го прикажавме во првото полувреме. Тој побара само едно нешто од нас, а тоа е да го зголемиме интензитетот на играта. Знаевме колку е лошо, но никогаш не сум го видел толку лут“, изјави Касадо.
Фудбалерот истакна дека реакцијата во второто полувреме била клучна и донела заслужен пресврт и дополнителна самодоверба.
„Тоа е доказ за тоа колку сите се грижиме за победата на тимот. Натпреварот беше тежок, но да се направи пресврт на таков начин дава самодоверба бидејќи на крајот сме задоволни од тоа како завршија работите.“
Касадо нагласи и колку е значаен директниот пласман во осминафиналето.
„Ќе избегнеме два дополнителни натпревари во нокаут фазата, што е одлично. Имаме повеќе време за одмор во веќе преполниот распоред, а тоа сигурно ќе ни биде од корист.“