Бојан Миовски го постигна првиот гол во дресот на Глазгов Ренџерс и се запиша во листата на стрелци при победата од 2-0 над Хибернијан во Лига купот. Штипјанецот во второто полувреме ја потврди победата на својот тим и на најдобар начин се „чекираше“ пред навивачите на „Ајброкс“.
По натпреварот, Миовски за клупската телевизија ги сподели првите впечатоци:
„Уште од стартот тимскиот перформанс беше на ниво. Првиот гол беше многу важен за нас, а по него креиравме доста шанси. Бевме потрпеливи со топка откако во некои претходни натпревари премногу брзавме. Убаво е да се даде деби-гол и се надевам дека ова е само прв од многуте во дресот на Ренџерс. Имам добра седмица зад себе, бидејќи откако потпишав одиграв еден меч и заминав со репрезентацијата. Немав доволно време да се запознаам со соиграчите и да тренираме заедно, да си ги научиме движењата. Мислам дека со време ќе се подобруваме заедно. Во соблекувалната зборуваме дека Ренџерс мора да победува на секој натпревар. Се држиме заедно и ваквите перформанси ни даваат мотив за иднината. Кога играме добро и победуваме, тоа ни дава самодоверба“, изјави Миовски.
Македонскиот напаѓач досега одигра три натпревари за Ренџерс, а следниот предизвик може да го има в четврток во Лигата на Европа против белгискиот Генк.