Министерот за
Спорт во Италија, Винченцо Спадафора вели дека постои вонреден план во неговата
земја за спортот да продолжи од идниот месец, откако Италија беше на голем удар
од коронавирусот кој силно ја погоди таа земја.
Тамошните власти
дури забранија и тренинзи во центрите и за професионалните спортисти, а тоа
секако се однесува и на фудбалот, а неговата изјава практично се поклопува со
онаа на првиот човек на италијанскиот фудбал, Габриеле Гравина кој најави дека
„Серија А“ би можела да продолжи од 20ти мај.
„Ќе имаме
вонреден план за спортот во Италија да продолжи од мај“ изјави Спадафора
денеска.
„Тоа се надеваме
дека ќе се случи веднаш штом излеземе од кризата со коронавирусот и ќе почнеме
да размислуваме за иднината. Како и да е, во случај да продолжиме во мај, ќе ни
биде потребно сите спортски групи да ги имаат потребните ресурси за такво нешто“
додава тој.
„Токму поради
оваа причина свикавме состанок на претседателите на петте најголеми спортски
федерации во земјава, да размениме сугестии околу тоа како нашата влада би
можела да му помогне на спортскиот свет кој е погоден од оваа криза“ вели
Спадафора кој подвлекува дека пред Италија се десет денови, период кој го наведе како „жртва“, алудирајќи на тоа дека мерките за коронавирусот ќе мора да се почитуваат и над нормалното досега.
„Пред нас се
десет комплицирани денови, потребна ни е таа жртва за да го заштитиме здравјето
на нашите спортисти, а токму поради таа причина ги забранивме тренинзите во
спортските центри“ заклучи тој.
Што се однесува
до „Серија А“, Јувентус по 26 одиграни кола е прв на табелата со 63 бода, Лацио
втор со 62, а Интер е на третото место со 54 бода, но и меч помалку од
водечките две екипи.