Mилевски: Сите натпреври досега беа главни, да завршиме најдобро што можеме!

by Стефан
1 минути читање

Фудбалската репрезентација на Македонија влегува во клучната фаза од квалификациите за Светското првенство 2026, со два исклучително важни натпревари, прво гостувањето во Брисел против Белгија на 10 октомври, а потоа и дуелот со Казахстан во Скопје три дена подоцна.

Селекторот Благоја Милевски веќе го соопшти списокот на фудбалери на кои ќе смета за овие средби, при што потенцира дека тимот останува максимално фокусиран на целта пласман на Мундијалот.

„Списокот е идентичен како претходниот, со тоа што Лирим Ќамили отсуствува поради повреда. Тука се и двајцата повратници, Ашковски и Бабунски, а се надевам пред сè дека сите ќе бидат здрави“, изјави Милевски.

Објасни и зошто Бабунски се враќа во тимот.

„Бабунски е со нас откако сум селектор, имаше проблем со клубот каде што беше претходно. Сега се враќа и верувам дека неговиот потенцијал е потребен за нашата репрезентација и затоа е тука“, дополни селекторот.

По пет одиграни натпревари, Македонија останува во трка за пласман, што според Милевски е уште еден показател за квалитетот и карактерот на овој состав.

„Сите пет меча досега беа главни битки. Ни останаа уште три, кои мораме да ги одиграме на највисоко ниво. Овој со Белгија е ист како претходните – да не беа тие важни, сега немаше да сме во оваа позиција. Ќе се обидеме да завршиме најдобро што можеме, а што тоа ќе донесе – ќе видиме“, порача селекторот.

Иако Белгија ќе влезе како апсолутен фаворит, Милевски потенцира дека Македонија има сила да се спротивстави и да ја продолжи борбата за големата цел.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×