Во 2017 година Македонија У21 година играше на Европското првенство во Полска на чело со Благоја Милевски, тоа е најголемиот успех во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал.
По авантурата во Израел, Милевски се врати во Македонија и повторно стана селектор на надежите, тој ќе ги предводи низ квалификациите за новото Европско првенство на кое ќе учествуваат 16 селекции за разлика од претходно кога беа по 12. Играчите се други, но целта е таа, Македонија повторно да игра на континенталното младинско првенство.
„Ми претставува чест и задоволство што ФФМ изрази желба да соработуваме повторно. Се надевам дека ќе имаме успешна соработка во иднина. Се наоѓаме пред предизвик, Имаме тешка група во која Шпанија е фаворит, но група во која ќе се надигруваме со сите ривали. Професионалноста пред се ќе ја одликува оваа селекција, тие што ќе се прилагодат на тој начин ќе бидат дел од тимот. Имавме селективен камп во Анталија, одигравме три меча и сите добија подеднакво шанса. Задоволен сум од тоа што го видов, без оглед на резултатите, задоволен сум како игравме, истакна Милевски.
„Целта е пласман на Европско првенство. Тоа не значи дека на фудбалерите ќе им наметнеме притисок дека мора да се пласираат на ЕП. Ние не сме Шпанија, Бразил или Германија. Мора да направиме сѐ ако ни се укаже шанса. Комплексот од пониска вредност е зад нас, а тоа е поткрепено и кога ќе ја видам А-селекцијата во која шест играчи се првотимци од оваа селекција и уште тројца се меѓу 18 во составот“.
„Разочаран сум што некои странци добиваат повеќе шанса во домашните екипи, а не се ништо подобри од нашите млади фудбалери. Не ги цениме доволно потенцијалите на нашите млади фудбалери. Затоа ќе дадам предлог на ФФМ – да се модифицира правилото за настап на фудбалер до 21 година. Тој млад играч мора да игра минимум 45 минути, а не како сега, да се менува голман уште од првата минута“.