Вечерва репрезентацијата на Македонија успеа да слави победа во Ереван против селекцијата на Ерменија од 0:2.
Од почетокот на натпреварот селекторот Благоја Милевски ја постави играта така што повеќе мислевме на својот гол, отколку што напаѓавме, Во таква ситуација дојдовме до предност со мајсторијата на Бојан Миовски на 20-тина минути пред крајот. Вториот гол за потврда на победата беше дело на Исник Алими.
„Иако Ерменија имаше свои моменти, сметам дека Македонија заслужено победи. Можеби Ерменија беше поактивна во првиот дел, но немаше премногу шанси. Ние ги корегиравме нашите линии на полувремето и во продолжението бевме подобар противник. Ме радува фактот што по моменти на конфузност и нервоза при посед на топка во првиот дел, се вративме на најдобар можен начин. Тимот беше тука да ги корегира грешките на индивидуалците. Полека се доближуваме до целта да изградиме група на добри личности и одлични фудбалери“, вели Милевски.
„Со своите настапи во репрезентацијата нашите фудбалери испраќаат пораки и до своите тренери во клубовите. Некои тренери не можат и не сакаат да ги видат нивните квалитети. Девет од единаесет фудбалери не играат во континуитет во своите клубови и пак играат два натпревари во четири дена. Ме радува тоа што не примивме гол на три натпревари по ред и што имаме одличен дух и помагање меѓусебе. Победата ја посветувам на мојот тим, на стручниот штаб, на федерацијата за логистиката во цел овој период“.