Селекторот на македонската фудбалска репрезентација верува дека само со натпревари како овој против Белгија можеме да напредуваме како репрезентација.
Македонија утре (петок) со почеток од 20:45 часот гостува на Белгија во исклучително важен натпревар за пласман на Светското првенство.
„Можеби ни недостасуваат ваков тип на натпревари повеќе, но со пласманот во Б сегментот од Лигата на нации ќе ги имаме. Од таа страна сите контролни натпревари кои ги закажувавме беа со таа цел — да се навикнеме на противници како Белгија, кои се на врвот на европскиот фудбал. Само така можеме да напредуваме и да ја оствариме нашата цел, да бидеме на подолг период конкуренти со вакви репрезентации“, изјави Милевски, на денешната прес-конференција.
„Момците се тие што имаат големо искуство во репрезентативниот дрес, покажале и во минатото дека имаат квалитет да бидат рамо со рамо со најдобрите во Европа. Имаме пласман на младинско Европско, имаме и на сениорско, но меч како меч не мора да значи ништо. Максимален респект за Белгија, која е главен фаворит во нашата група, но ние си го живееме нашиот сон се уште и се надевам дека ќе останеме конкурентни во овие квалификации“, потенцираше селекторот.
„Чест ми е што работам со овие момци, секогаш го даваат максимумот, никогаш не се штедат и секогаш се на раб на максимум. Немам друг збор освен дека задоволството е мое што сум нивен селектор“, заклучи Благоја Милевски пред утрешниот натпревар во Брисел.