Селекторот на Македонија, Благоја Милевски сака успешен старт на квалификациите за СП 2026 и најави дека „црвено-жолтите“ ќе извлечат победа и три бода против Лихтенштајн и Велс.
Следната недела почнуваат квалификациите за мундијалот во САД, па селекторот на Македонија, Благоја Милевски денеска го објави списокот и се појави пред новинарите.
„Што се однесува до списокот, тоа се истите играчи кои го завршија циклусот на Лигата на нации. Поради повреда за жал некои играчи отпаднаа, повратник е Агон Елези, а и еден дебитант – Лука Станковски, кој со добрите игри е во добра форма во српското првенство и ќе се приклучи за одблизу да го видиме потенцијалот. Веќе е пракса да имаме четири голмани, на претходниот собир тука беше Алчевски, а сега е Илиев. Тие се најдоброто што го имаме во моментов“ – вели Благоја Милевски.
„Црвено-жолтите“ квалификациите ги започнуваат со гостување кај Лихтенштајн, а потоа во Скопје го пречекуваме Велс, целта е да се даде максимумот.
„Имавме и тоа како успешен настап во ЛН зад нас. Минатите квалификации за СП беа исто така многу успешни со второто место и историскиот бараж. Знаеме сите како минавме во баражот. Се надевам и сега ќе имаме успешен циклус квалификации за СП 2026. Пред Лигата на нациите имавме и добри евро-квалификации, освен натпреварот во Манчестер ние одигравме квалитетно во сите други натпревари и тоа беше темелник на оваа генерација.Нè очекуваат два натпревари со сериозни репрезентации. Првата е со Лихтенштајн кој го има нашиот респект, денес нема лесни натпревари и противници. Примарна цел е да победиме во Вадуц. Притисок носи секој меч. Никогаш Македонија, барем мојата не се поставила како фаворит, туку тоа го покажувала на терен. Според мене, во моментов не постојат аутсајдери, туку ние гледаме со максимална почит кон секоја репрезентација. Три дена подоцна нè очекува Велс, ривал кој на последните светски и европски првенства е редовен учесник. Има силен тим и тоа е сериозен предизвик во овие два натпревари. Секој натпревар е приказна за себе, за секој меч се подготвуваме посебно. Секогаш одиме да извлечеме максимум, а што ќе се случува на средбите никој не може да предвиди. Тоа е филозофијата на овој тим, одиме по максимум на секоја средба“.
Благоја Милевски исто така вели дека му е мило што јавноста имала големи очекувања, и ова им носи дополнителна мотивација.
„Добро е што јавноста очекува од Македонија секогаш да биде на највисоко ниво. Тоа значи дека поседувате квалитет, нешто ги тера луѓето да очекуваат повеќе од вас. За мене тоа е позитивно и само не мотивира дополнително“,
„Позитивна е промената за нашите главни играчи на клупски план. Имавме најлоша година за нас од аспект на формата и клупските настапи на играчите. И покрај сите тие проблеми, не знам на кој начин нашите играчи дадоа и повеќе од своите можности, дадоа максимум и одиграа перфектна ЛН. Сепак, ме радуваат промените кај носителите на играта и позитивните работи кои им се случуваат во клубовите. Секако дека тоа ќе ни донесе позитива и енергија. Без разлика кој колку игра, играчите тука покажуваат друго лице и јас сум презадоволен од сите“.