Македонската фудбалска репрезентација вечерва може да жали откако во последните секунди испуштивме победа против Велс и одигравме 1-1.
Велс ја имаше фаворитската улога пред почетокот на натпреварот и константно напаѓаше, но Миовски искористи една грешка и погоди во 91. минута. Сепак, во 96. минута Велс по грешката на Димоски и лошата проценка на Димитриевски дојде до гол за 1-1.
„Честитки до фудбалерите за сето она што го покажаа, има некоја горчина поради начинот на кој се одвиваше натпреварот. Но, од една страна и не можам да не бидам задоволен, игравме против еден сериозен противник, можеби најсериозен во последните три-четири години. Како тим, се сериозни, агресивни и на највисоко ниво, но и нашите фудбалери покажаа дека напредуваат од натпревар во натпревар и мислам дека ни недостасува уште тој некој фактор „плус“ за да бидеме над вакви репрезентации.
Не знам колку време имаше, но мора да останеме фокусирани секогаш до крај. Жалиме за тие два бода, меѓутоа веројатно и ремито беше најреалното. Можеби е тешко, но нема многу простор за разочарување бидејќи Македонија покажа дека може да биде рамо до рамо со најдобрите во Европа.
За голот кој го примивме Милевски смета е сплет на одредени околности.
Начинот на кој го примивме гол, тоа беше премногу сплет на околности и грешки кои се случуваат во фудбалот. Сепак, во фудбалот има и такви моменти. Не верувам дека момците од еуфорија направија грешки, такви моменти се случуваат, а за жал нас ни се случи вечерва. Треба да сме сите горди и благодарен сум на поддршката која ни ја даваат навивачите. Ако останеше 0-0 сите ќе бевме задоволни, вака сме разочарани поради примениот гол.
Македонија по две кола во квалификациите има четири бода со еден триумф над Лихтенштајн и денешното реми против Велс.