Првиот човек на „црвено-црните“, Миленко Неделковски вели дека финансиската ситуација била многу полоша од тоа што им било презентирано и порача дека ќе бидат потребни барем уште две години за клубот да застане на цврсти нозе.
На крајот од пролетниот дел од сезоната во ПМФЛ, првиот човек на Вардар, Миленко Неделковски седна на разговор со новинарите.
Тој појасни дека покрај битната на терените, се водела и борба надвор од терените, односно на финансиски план – состојбата била многу полоша од првичните проценки.
„Ми беше презентирано дека долгот изнесува околу 2,5 милиони евра, но уште тогаш не ми изгледаше реално. Денес е јасно дека сумата била значително поголема“ – вели Миленко Неделковски.
Една од клучните мерки била деблокадата на сметката на клубот, која била блокирана од Управата за јавни приходи. За таа цел, Вардар обезбедил гаранција во недвижен имот во вредност четири пати поголема од долгот, што овозможило репрограмирање на обврските на 36 рати, од кои досега се исплатени 11. Целосно е расчистен и долгот кон ПУИГ, во износ од околу 200.000 евра, исплатен на 12 рати, додека блокадата од приватни лица, тешка околу еден милион евра, е целосно подмирена. Дополнително, клубот ги исплатил и побарувањата на поранешни фудбалери и функционери, меѓу кои Горан Попов (250.000 евра), Брдаревски (150.000), Демир (100.000), Цветановски (90.000) и Панчев (70.000 евра), како и други договорни обврски кои биле сервисирани на рати.
Неделковски информираше и дека досега се отпишани долгови во износ од околу 420.000 евра, а како следен чекор најави обид за отпишување и на обврските кон Сергеј Самсоненко, кои изнесуваат околу 2,5 милиони евра, при што напомена дека и на отпишаните долгови се плаќа данок.
„Кога ќе се соберат сите овие суми, станува јасно дека Вардар бил во многу подлабока финансиска криза од тоа што се мислеше. За клубот да биде целосно финансиски ‘фит’, ќе бидат потребни уште најмалку две години, бидејќи постојат судски решенија и стари договори што мора да се реализираат“.
Покрај финансиската стабилизација, раководството работело и на организациско заздравување. При преземањето на клубот, тренинг-центарот бил затворен и нефункционален, а екипата тренирала на различни локации. Со итна интервенција, Вардар повторно влегол во тренинг-центарот, кој бил во лоша состојба, а целта е во наредната година истиот да биде запишан на име на клубот. Во меѓувреме, зголемен е бројот на неизвршни директори за поголема контрола, формиран е медицински тим, набавена е нова спортска опрема, а започнати се и активности за формирање женски фудбалски клуб, кој идната сезона ќе стартува од Втората лига.
И покрај тоа што резултатите не биле примарен фокус, напредокот е очигледен и на теренот. Минатата сезона Вардар бил претпоследен со 13 бода и гол-разлика 13-29, додека во актуелната сезона тимот има 42 бода по 16 одиграни натпревари и гол-разлика 40-15.
„Првпат по шест години сме есенски првак, а без пораз тоа не ни се случило цели 14 години“ – додава Неделковски.
Подготовките за пролетниот дел од сезоната стартуваат на 13 јануари, а главниот дел ќе се одржи во Сиде, Турција, каде Вардар ќе одигра контролни натпревари против Јаблонец, Мотор Лублин, екипи од Јужна Кореја, Махачкала, Ахмат Грозни и Алашкерт.