Италијанскиот спортски весник „Газета дело Спорт“ тврди дека Милан подготвува нов договор за Масимилијано Алегри, со кој соработката би се продолжила до 2028 година, бидејќи „росонерите“ го сметаат за клучен дел од својот проект.
Милан се бори за пласман во Лигата на шампионите за сезоната 2026/2027 и тоа ги поттикнало директорите на клубот да почнат подготовки за продолжување на договорот со Алегри.
Според „Газета“, Алегри останува централен дел од проектот на миланскиот клуб, па на италијанскиот стратег ќе му биде понудено едногодишно продолжување на соработката до јуни 2028 година, со опција за уште една дополнителна сезона.
Пласманот во Лигата на шампионите би му овозможил на Милан да му понуди и зголемување на платата од сегашните пет милиони евра годишно на шест милиони евра по сезона.
Од друга страна, претходни извештаи од Италија наведуваа дека иднината на Алегри на „Сан Сиро“ по летото е неизвесна.
Според „Кориере дело Спорт“, Реал Мадрид го гледа Алегри како потенцијален кандидат за тренерската клупа во сезоната 2026/2027, додека „Спортиталија“ тврди дека стратегот роден во Ливорно сериозно ја разгледува својата иднина во Милан поради одредени грижи поврзани со управата на клубот, па останува да видиме што ќе се случува.