Во неделата во Скопје се одржа настан на стадионот „АРМ“ со кој се одбележа „Денот на италијанскиот спорт во светот“. Дел од овој настан беше министерот за спорт Борко Ристовски, како и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.
Италијанската амбасада по овој повод ги повика фан-клубовите на најголемите италијански клубови кои постојат во земјава. Еден од гостите беше и фан-клубот „Милан Македонија“, кој ги изложи своите материјали сработени низ годините, албум од фотографии и сеќавања…
„Ние како фан-клуб постоиме од 2007 година. Нашите први собири беа токму пред 17 години, а првиот заеднички проследен натпревар беше против Венеција. Оттогаш функционираме како фан-клуб на Милан на просторите на Македонија, имаме редовни членови и пакети со материјали брендирани со клупските бои и нашите обележја. Како фан-клуб имаме повеќе организации за заедничко гледање на натпреварите како во Македонија, така и во живо на „Сан Сиро“. Првото наше организирано гостување во Милано беше во 2010 година и тоа во дерби натпреварот против Јувентус. Како навивачка групација фигурираме и во официјалната организација навивачи на Милан во Италија – АИМЦ.
Сакаме да нагласиме дека ни е чест и задоволство што бевме повикани од страна на Италијанската амбасада во Скопје да бидеме гости и да ги изложиме нашите реквизити на овој настан. Мислам дека добро го испочитувавме „Денот на италијанскиот спорт во светот“ со овој настан во Скопје“, ни изјавија од фан-клубот „Милан Македонија“.
Освен свечената церемонија, се одржа и турнир во мал фудбал меѓу фан клубовите, а се одигра и натпревар меѓу младинските школи на Брера и Работнички. Присутни на настанот беа и фан клубови на останатите најпознаит италијански клубови како Јувентус, Интер, Рома, Лацио…